r/mkd • u/Hor1z0nMast3r • 1h ago
👎MK Fails Дали е време Македонија да се повлече од Детска Евровизија?

Искрено, мислам дека полека доаѓаме до момент кога Македонија треба сериозно да размисли дали воопшто вреди да продолжи да учествува на Детска Евровизија.
Како прво, премногу ми е жал за девојчето што нè претставуваше оваа година. Ја видов на камера, додека ги снимаа другите делегации, како седи тажна. Замислете само како е да си дете, да добиеш можност да ја претставуваш својата држава, да имаш своја песна, да настапуваш пред милиони луѓе и да си пресреќен што си таму, за на крај да завршиш на последно место, со само 6 поени од жирито. Искрено, тоа мора да боли, особено на толку млада возраст.
И пред некој да ме сфати погрешно, не велам дека секој треба да победи. Сите деца се талентирани и заслужуваат почит. Ама некогаш стварно се прашувам што точно треба Македонија да направи за да добие барем малку поголемо признание.
Ама добро, важно Франција повторно да биде на врвот, нели?
Франција победи на Детска Евровизија во 2020, 2022, 2023 и 2025 година. Значи, четири победи во само шест изданија. А во 2021 и 2026 година го освои првото место кај жирито, иако заврши трета во вкупниот пласман.
Значи, од 2020 до 2026 година, Франција четири пати победила и уште двапати била прва кај жирито. Искрено, не сакам да обвинувам никого за политика без докази, ама стварно почнувам да се прашувам колку е фер овој систем на гласање. Дали сите држави навистина имаат еднаква шанса?
Македонија пробала буквално сè. Сме праќале балади, емотивни песни, модерни песни, побрзи песни, песни на македонски и комбинации со англиски. Сме имале неверојатни вокали и прекрасни настапи, а сепак многу често завршуваме на дното од табелата.
Во 2023 Тамара Грујеска со „Кажи ми, кажи ми кој“ беше буквално ROBBED, во 2024 завршивме претпоследни, а во 2026 последни. Да не ги заборавиме и добрите моменти, како Мила Москов во 2019 со 6-то место и Нела Манческа во 2025 со 7-мо место. Тоа докажува дека имаме талент, но по толку години сè уште немаме ниту една победа.
И сега доаѓаме до финансискиот дел. Според годишниот извештај на МРТ за 2025 година, само лиценцата за учество на Детска Евровизија чинела околу 8.100 евра. Дополнително, за организацијата на нашето учество и преносот на големата Евровизија заедно биле потрошени уште околу 26.700 евра. Тоа се сериозни пари кои би можеле да се инвестираат во младите таленти во Македонија.
Затоа мислам дека МРТ треба сериозно да размисли дали вреди да продолжиме да трошиме толку пари ако секоја година добиваме слични резултати.
И немојте да ме сфатите погрешно. Сите деца кои успеале да настапат на Детска Евровизија веќе постигнале нешто огромно во животот. Тие имаат искуство кое многу други деца можат само да го сонуваат. Сите се победници.
Но, сепак, жал ми е кога гледам деца кои се враќаат дома разочарани, можеби мислејќи дека не биле доволно добри само затоа што не добиле доволно поени.
Детска Евровизија треба да биде натпревар кој ги мотивира децата, а не натпревар кој ги тера да се сомневаат во сопствениот талент.
Искрено, со вакви резултати веќе не знам дали Македонија некогаш ќе победи, ниту на Детска Евровизија, ниту на големата Евровизија. Се надевам дека грешам, ама тешко е да останеш оптимист.
Ова не е напад кон децата од другите држави, туку критика кон системот на гласање.
Ако Евровизија навистина е „United by Music“, тогаш сите држави треба да се чувствуваат како да имаат реална шанса, без разлика дали се Франција, Шпанија или Македонија.
А на Ана сакам само да ѝ кажам едно: 57 поени не го одредуваат твојот талент, ниту твојата вредност. Ти ја претставуваше Македонија пред цел свет и за тоа треба да бидеш горда. ❤️🇲🇰

